Масакр во Мексико: Вооружени напаѓачи убиле 11 лица на фудбалски терен (ВИДЕО)
Градоначалникот на Саламанка, Сесар Прието, изјави дека напаѓачите пристигнале веднаш по завршувањето на фудбалски натпревар и почнале неселективно да пукаат. Десет лица починале на самото место, додека уште едно подлегнало на повредите во болница. Меѓу повредените има жена и малолетно лице, потврди Прието, кој инцидентот го опиша како дел од поширокиот бран насилство што ја погодува регијата. Тој ја повика мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум да помогне во стабилизирањето на безбедносната состојба.
Државното обвинителство на Гванахуато соопшти дека е покрената истрага и дека се координира со федералните власти за засилување на безбедносните мерки. Гванахуато минатата година беше државата со најмногу убиства во Мексико, а локалните медиуми го поврзуваат овој напад со судирите меѓу бандата Санта Роса де Лима и картелот Халиско Нуева Генерасион.