Лазаров: Да не беа повредите и црвениот картон - ќе ја победевме Португалија!
Нашата ракометна репрезентација на стартот ги загуби двете крила поради повреди, а потоа стигна и црвениот картон на Никола Маркоски, а селекторот смета дека токму тие проблеми ги спречиле на крајот да се радуваат на триумф.
„Ги загубивме двете крила уште на старотот, но и нашиот искусен играч со црвен картон. Сè што имавме планирано се растури и се создаде хаос пред крајот на првото полувреме. Вториот дел не почна најдобро, но ја најдовме точната форма и стигнавме до реми. Во еден момент, во наши разговори пред мечот со Данска, им реков да се борат до крај зашто ќе е важен секој гол бидејќи можно беше да се одигра со Португалија. Токму тоа и се случи.
Треба малку да се смириме, да одмориме и утре нема да тренираме. Сакам да се одморат играчите, да видиме што ќе се случи со повредените ракометари и да видиме што ќе ни треба за победа. Треба да играме гол за гол, да бидеме сконцентрирани, да пробаме да победиме со што е можно поголема разлика. Романија јасно кажа дека нивната мета не е Данска и Португалија, туку Македонија и тие се подготвени да одат во војна со Македонија
Да не се случеше тоа со повредите и Никола Маркоски, мислам дека ќе го добиевме натпреварот. Сепак, чудна работа, да ви се повредат две крила за пет минути е нешто неверојатно. Жал ни е, но ќе се бориме до крај, ќе го дадеме максимумот против Романија“, кажа Лазаров.