„Мали сме и деградирани - тешко е да се игра против фаворизани држави!“

Македонската ракометна репрезентација одигра фантастично во завршницата против Португалија и ја „стопи“ негатива од пет голови за на крајот да освои бод (29-29), а селекторот Кирил Лазаров кажа дека било многу тешко на теренот.

Лазаров посочи дека Македонија е мала земја и често деградирана на големите натпреварувања, па затоа било уште потешко да се игра против фаворит како Португалија.

„Не знам дали смеам да кажам што ми е на душа, мора да бидеме внимателни. Јас и пред почетокот на првенството кажав дека сме мала земја и многу деградирани, не е лесно да се игра против екипи како Португалија. Ова не е алиби, видовте и сами. Ќе биде многу тешко и во иднина да се бориме со вакви работи. Јавноста сака, јавноста нè поддржува, има голем интерес од публиката. Им честитам од душа и срце на моите играчи што успеаја да направат денес со полуфиналистот на минатото Светско првенство, екипата која се бореше за медал. Тие кажаа дека одат по злато, ова е голема работа за нас“, вели Лазаров.