Ќе ни треба чудо за втората фаза - наша и победа на Данска со вкупни 19 разлика!
Ние сме во нешто полоша позиција поради убедливиот пораз од Данска во првото коло, но и поради фактот што скандинавците нема да мораат да бркаат разлика во финалниот круг кога им е доволен и минимален триумф за обезбедување на првото место во групата и пренесување два бода во следниот сегмент. Пред последното коло, јасно е дека ќе треба да ја победиме Романија и да чекаме услуга од домаќинот на првенството.
Збирот на евентуалните победи на Македонија против Романија и Данска против Португалија треба да изнесува 19 разлика (12+7, 11+8, 10+9 итн.). Во таков случај нашата репрезентација би имала еден погодок повеќе во вкупната гол-разлика и со тоа ќе биде пред Португалија во генералниот пласман. Можно е и да поминеме и со вкупно 18 разлика, но тоа е веќе во сферата на калкулациите затоа што во таков случај Македонија и Португалија би имале идентична гол-разлика и ќе се гледа бројот на постигнати голови.
Лошо за нас е тоа што играме први во вторник, од 18 часот, па Португалците ќе знаат точно колку им е доволно во дуелот со Данска за да го освојат второто место и да се пласираат во главната фаза. Сепак, Македонија прво ќе треба да ја победи Романија, колку е можно поубедливо, а потоа да го чекаме епилогот од вториот меч во групата.