Германците сами си пресудија - селекторот побара тајмаут во најлош момент (ВИДЕО)

Селекторот на германската ракометна репрезентација, Алфред Гисласон е трагичар на денот откако во финишот од дуелот со Србија на Европското првенство направи потег кој сигурно ќе биде предмет на бројни анализи, а можно е дека тоа беше една од клучните причини за поразот на „панцерите“.

По вистинска драма, Србија успеа да победи една од најголемите ракометни сили и да забележи победа за која долго ќе се зборува. Сепак, еден детаљ од самиот крај на натпреварот привлече посебно внимание. Во неизвесниот финиш, „орлите“ поведоа кога Марсениќ постигна гол за 26-25. Кратко потоа се случи ситуација која предизвика изненадување. Гисласон побара тајмаут во моментот кога Германија постигнуваше гол, што практично ја прекина акцијата која требаше да резултира со израмнување.

 

 

Бидејќи барањето за минута одмор беше упатено пред топката да заврши во мрежата, или поточно во моментот кога ја минуваше гол-линијата, голот не можеше да се признае, што дополнително го искомплицира финалето и ја зголеми тензијата на теренот. Снимката покажа дека топката била на гол-линијата во моментот кога Гисласон го притиснал копчето за тајмаут.

Место израмнување, Германците потоа примија уште еден гол и не успеаја да се вратат од шокот што им го приреди нивниот селектор.