Сензација во Хернинг: Србија ја нокаутира Германија и е на чекор од главната фаза!

Репрезентацијата на Србија направи огромно изненадување на Европското првенство откако вечерва го совлада олимпискиот вицешампион Германија со 30-27.

Предводен од поранешниот селектор на Македонија, Раул Гонзалес, Србите одиграа извонредно второ полувреме во кое не само што ја анулираа негативата од четири разлика, туку и славеа со три гол што ги става во ситуација да се најдат на милиметри од пласман во главната фаза на континенталниот шампионат. Им треба само победа против Австрија во последниот круг за да се најдат меѓу 12. најдобри.

Се чинеше дека Германија лесно ќе дојде до вториот триумф на првенството бидејќи во финишот од првото полувреме со една серија отидоа на највисоки +4 (17-13). Српските ракометари, сепак, не се предадоа, во вториот дел ја стегнаа одбраната и за 20 минути примија само четири гола, како резултат на што отидоа на +2 (23-21). Германија за кратко се врати, два пати во водство од еден разлика, но една грешка на селекторот кој побара тајмаут во момент кога неговите ракометари постигнаа гол за израмнување, придонесе на Србија да ѝ се отвори патот кон исклучително важна победа.

Воркапиќ и Којадиновиќ со по шест гола беа најефикасни, Пешмалбек постигна пет, а Додиќ четири од четири шута. Огромен придонес за победата имаше и поранешниот голман на Вардар, Дејан Милосављев кој оствари 12 одбрани.