Кузмановски: Данска е друго ниво, на следните натпревари треба да играме без респект
Веројатно никој не очекуваше изненадување против домаќинот и прв фаворит на турнирот, но Филип Кузмановски смета дека има голем простор за напредок во нашиот национален тим.
„Мислам дека со грч го одигравме овој натпревар, но мислам дека со Португалија и Романија ќе одиграме подобро и ќе бидеме поопуштени. Пред мечот рековме дека ќе се обидеме да изненадиме денеска, но навистина е тешко, Данска е друго ниво и ќе се обидеме да се рехабилитираме и на далеку поважните натпревари да бидеме на ниво.
Треба да се подготвиме максимално, да ги сведеме грешките на минимум, но и да веруваме повеќе во себе и да одиграме без респект. Мислам дека кога ги анализираме сите натпревари, имаме многу грешки и промашени зицери, но со време, тоа го поправаме. За време на подготовките добро ги анализираме сите противници, Данска беше добар тест за она што не очекува со Португалија и верувам дека ќе биде многу подобро“, рече Кузмановски.
Бекот на Пелистер се осврна и на претстојниот дуел со Португалија кој веројатно ќе биде најважен во борбата за пласман во главната фаза.
„Фокусот треба да биде на нашата игра, а не на противникот иако е важно да го спречиме најсилното оружје на противникот - контрите и полуконтрите. Треба да ги натераме повеќе да се мачат за да постигнат гол, а да не им дозволиме лесно да стигнуваат до реализација. Како и да е, сметам дека ќе бидеме далеку поподготвени на следниот натпревар“, додаде Кузмановски.