„Да се обидеме да ги најдеме лошите страни на Данците“
Младиот чувар на мрежата на македонската репрезентација Иван Галевски, заедно со неговиот „ментор“ Никола Митревски ќе треба да даде 100% за да придонесе за добар резултат. Иако без големо искуство во националниот тим, тој не се плаши од предизвикот.
„Со нетрпение го очекуваме стартот на Европското првенство кое нема да биде лесно. Се подготвуваме долго време, се обидуваме да се фокусираме и да ја најдеме слабоста на Данците. Секоја репрезентација има слаби страни, во данската репрезентација тие се многу малку, но ја анализиравме и одиме со ладни глави, да се натпреваруваме, па ќе видиме што ќе биде.
И Данците се од крв и месо и тие се вложуваат како нас, инспирација имаме доволно и не ни е важно кој е противникот. Ќе ја играме нашата игра, нема никако да се штедиме и одиме по победа, без разлика кој е на спротивната страна“, вели Галевски.