Македонија го почнува деветтиот настап на ЕП, само два пати победила во првото коло

Со дуелот против Данска, македонската ракометна репрезентација денеска го почнува својот деветти настап на европските првенства, осми по ред, почнувајќи од 2012 година.

Повторно натпреварите од првата фаза ќе ги игра во Хернинг и повторно, како и во 2014 година, ќе стартува против домаќинот Данска. Пред 12 години, скандинавците славеа со 29-21, фаворити се и денеска, но нашите ракометари немаат што да загубат во овој дуел бидејќи бодовите за пласман во следниот круг ќе се бараат против Португалија и Романија.

Интересно е тоа што нашата репрезентација генерално нема добри спомени од воведните натпревари на европските првенства. На досегашните осум настапи, само два пати успеваше да слави на стартот и тоа со две минимални победи: во 2018 година кога на стартот ја совлада Словенија со 25-24 и две години подоцна со триумф против Украина со 26-25. Во 2020 таа победа не донесе многу бидејќи Македонија остана на неа и го заврши настапот во првата фаза.

Освен овие две победи, нашата репрезентација има и еден нерешен резултат, од 2012 година кога во првото коло ремизираше со Шведкска (26-26). На останатите пет досегашни учества, почнувајќи од дебито во 1998 година, претрпуваше порази.