Франција ја здроби Чешка, Шпанија подобра од Србија на стартот на ЕП
Француските ракометари имаа одличен почеток со серија од 6-0, по што Чешка стигна до првиот погодок, по што стана јасно кој ќе биде поблиску до победата на оваа средба.
На полувремето Франција замина со водство од 20-14, а во вториот дел продолжи да го полни голот на Чесите и на крајот триумфира со убедливи 42-28.
Дури тројца ракометари на победничкиот тим постигнаа по шест голови, и тоа Елохим Пранди, Мелвин Ричардсон и Дилан Нахи. На спротивната страна најдобар беше Петр Широки со шест погодоци.
Шпанија го контролираше мечот од стартот против Србија, која се мачеше да ја намали негативата под три погодоци, а на крајот на полувремето губеше со 15-19.
Второто полувреме го одбележа израмнета игра од двете репрезентации, со падови и добри моменти, но Шпанија ја задржа предноста до крајот и славеше со 29-27.
Најефикасен во составот на Шпанија беше Тарафета со пет голови, додека Којадиновиќ запиша шест погодоци за Србија.
Фото: EPA