Томовски: Не летаме во облаци, ама ќе сториме сѐ за да ја израдуваме Македонија!

Македонската ракометна репрезентација со позитивен пристап и без апсолутно никаков притисок ќе го започне настапот на ЕП со дуел против домаќинот Данска (петок), селекција која со години наназад е на самиот врв на светскиот ракомет.

Голманот Мартин Томовски, кој е повратник во националниот тим, истакнува дека играњето во силниот дански противник претставува голем предизвик, но и можност за уживање и докажување.

„Ќе биде навистина предизвик да се игра во Данска, особено против селекција што е број еден во изминатите години. Сакаме да уживаме во ова натпреварување и решени сме да го дадеме нашиот максимум за да ја направиме нашата земја среќна“, изјави искусниот чувар на мрежата, кој нагласи дека мотивот е поголем токму поради квалитетот на противникот и амбиентот кој сигурно ќе биде пеколен во салата.

Осврнувајќи се на составот на „жолто-црвената“ селекција, Томовски потенцира дека фактот што поголем дел од играчите настапуваат во домашното првенство не е хендикеп, туку предност.

„Во последните години македонската лига станува сè подобра, така што имаме многу играчи кои играат во Лигата на шампионите. Не само во последните години, тие играле и претходно — и јас играв во Лигата на шампионите со Вардар. Искуството од големи мечеви не ни недостасува“, дополни единствениот интернационалец во репрезентацијата.

Тој дополнително нагласи дека искуството во тимот и стручниот штаб има значајна улога за стабилноста и атмосферата во националниот тим.

„Сето тоа може само да ни помогне во репрезентацијата, со искуството на Лазаров, прво како играч, а сега како тренер. Можеме само да создадеме одлична атмосфера и да уживаме во сè на теренот“, дополнува Томовски.

Голманот на крајот порача дека Македонија ќе настапи без големи најави, но со јасна желба за напредок.

„Знам дека секако сакаме да постигнеме повеќе, да одиме во следната фаза, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и ќе се надеваме на најдоброто“, заклучи македонскиот чувар на мрежата.

Македонија е во група во која уште се и Португалија и Романија, а пласман во следната фаза ќе обезбедат само двете најдобри селекции на табелата по трите одиграни кола.