„Данците се фаворити, но ќе дадеме сѐ од себе зашто ќе се бориме за – Македонија!“
Еден од лидерите во националниот тим, Филип Кузмановски, најави максимална борба и 60 минути пожртвувана игра, без разлика на амбиентот и звучните имиња на спротивната страна.
„Имаме мотивација бидејќи играме против Данска, која, според мене, е фаворит за европската круна. Играме во Хернинг, во полна сала со противнички навивачи и тоа ни дава дополнителна мотивација. Нашиот менталитет кога играме на гостински терен, пред многу навивачи, е да го покажеме нашиот квалитет. Ќе се бориме во сите 60 минути“, истакна Кузмановски.
Ракометарот на Пелистер потенцира дека силата на данските ракометари е неспорна, особено поради квалитетот на поединците што ги има на располагање.
„Во Данска има многу големи имиња – Гидсел, Питлик, Лауге, Нилсен. Ќе биде тешко да се игра против нив, но истовремено и силна мотивација за нас, бидејќи станува збор за големи ѕвезди во оваа екипа“, додаде тој.
Осврнувајќи се на македонскиот состав, Кузмановски нагласи дека и покрај тешката група, атмосферата во тимот е позитивна, а желбата за докажување е голема.
„Имаме тешка група, но играме за Македонија и се бориме за Македонија. Ние сме млада екипа и ќе покажеме нешто на овој турнир“, порача тој.
Тој, како еден од поискусните играчи во составот, смета дека токму заедништвото и долгогодишната соработка се една од најсилните страни на репрезентацијата.
„Сакам да го пренесам моето искуство на соиграчите. Долго време сме заедно, три-четири години играме како тим и добро се познаваме. Тоа е нашата сила и ќе го дадеме најдоброто од себе“, истакна Кузмановски.
Клучот за конкурентен настап против најдобрите селекции, според искусниот бек, лежи во дефанзивната игра.
„За нас одбраната е најважна. Без добра одбрана не можеме да победиме на вакви натпревари“, заклучи Кузмановски.
Македонија од завчера е во Данска, каде што вчера почна да тренира за првиот меч закажан за в петок во Хернинг со почеток од 20.30 часот.