Пелистер има нов тренер: Алушовски ќе ја спасува сезоната на шампионот!

По седум години, легендарниот македонски ракометар Стевче Алушовски се враќа во тимот на Пелистер и како тренер ќе ја спасува сезоната на актуелниот шампион.

Битолчани денеска објавија дека поранешниот репрезентативец е назначен за нов шеф на стручниот штаб, на местото на Рубен Гарабаја кој си поднесе оставка на 5 декември. Во финишот од 2025 година екипата како привремено решение ја водеше Звонко Шундовски, но во вториот дел од сезоната на клупата ќе биде Алушовски со кого е потпишан договор до крајот на сезоната. За 53-годишниот стручњак ова ќе биде прв ангажман по заминувањето од Охрид. Меѓу другото, краток период беше и тренер на Вардар.

Популарниот Аљуш беше тренер на Пелистер во сезоната 2017/18 и потоа на Работник во 2019 година, но ситуацијата тогаш и сега не е иста. Битолскиот клуб тогаш буквално преживуваше, додека сега е актуелен шампион и апетитите се далеку поголеми.

Сепак, задачата ќе биде исто така многу тешка затоа што Пелистер е пред елиминација во Лигата на шампионите и со четири бода помалку од Вардар во домашното првенство што е голема разлика според новиот систем на натпреварување во Суперлигата во кој бодовите се префрлуваат и во следната фаза.