Лазаров по Бахреин: Задоволен сум од победата, но очекувам да играме подобро!

Селекторот Кире Лазаров е задоволрн од победата на македонската ракометна репрезентација над Бахреин, но истовремено откри дека прикажаната игра не била на посакуваното ниво, со оглед на тоа што отпорот на противникот беше скршен дури во финишот од натпреварот.

Македонија на турнирот во Винтертур ја очекуваат уште два контролни дуела – денеска против Украина и утре против домаќинот Швајцарија, а селекторот јасно порача дека од тие средби очекува значително подобро издание од својата селекција.

„Задоволни сме што сме дел од еден ваков силен турнир, кој свесно го избравме за квалитетни проверки пред Европското првенство. Добро трениравме, победивме и тоа беше примарната цел. Сепак, имаме многу сегменти што мора да ги поправиме. Играта не беше на нивото што го сакаме, но ова е само прв натпревар. Очекувам да бидеме подобри на следниот меч, а потоа уште подобри на третиот, со цел постепено да ја темпираме формата за она што нè очекува – настапот на Европското првенство“, изјави Лазаров.

Дуелот меѓу Македонија и Украина е закажан за денеска со почеток во 17.45 часот и ќе биде втора проверка за „црвено-жолтите“ на турнирот во Швајцарија.