Аморим замина, проблемите останаа - Јунајтед не го победи и Барнли (ВИДЕО)

Рубен Аморим си замина, но проблемите во Манчестер останаа, па така вечерва со Дарен Флечер на клупата „црвените ѓаволи“ ремизираа 2-2 против Барнли кој е претпоследен на табелата.

Не тргна добро натпреварот за гостите и во 13. минута Хевен си постигна автогол со кој Барнли дојде до предност. Тоа беше и единствениот гол во првото полувреме.

Заигра Јунајтед подобро во вториот дел и на сцена стапи Бенјамин Шешко кој првпат од доаѓањето на „Олд Трафорд“ летово постигна два гола на еден натпревар и со погодоците во 50-тата и 60-тата минута донесе целосен пресврт.

Сепак, на крајот тоа не се покажа како доволно за победа бидејќи Ентони со еден убав погодок во 66. минута ги постави конечните 2-2. За Јунајтед ова беше трето реми во низа откако претходно без победник 1-1 ги завршија и средбите со Вулвс и Лидс.

Голема драма гледавме во вториот натпревар кој се играше во истиот термин и во него Њукасл со пресврт во финишот славеше над Лидс со 4-3.