Арсенал за половина час ја разнесе Астон Вила, нова мизерија на Јунајтед (ВИДЕО)
Тимот од Бирмингем беше во серија од 11 победи во сите натпреварувања, но имаше несреќен период од половина час на Емирејтс во кој тотално потона. Откако првото полувреме заврши без голови, Арсенал четири пати ја тресеше мрежата на Вила од 48. до 78. минута и на крајот победи со 4-1, зацврстувајќи се на челната позиција на табелата.
Серијата ја отвори Габриел, по него погоди Зубименди, па Тросар, а точка стави Габриел Жезус, само две минути откако влезе на местото на Ѓокереш. Поразот на Астон Вила го ублажи Воткинс во судиското продолжение.
Интересно е тоа што дури и оваа победа на Арсенал остана во сенка на новата мизерија на Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ на домашен терен одиграа нерешено (1-1) со последнопласираниот тим и веќе испаднат Вулверхемптон кој до ова коло имаше само два освоени бода. Конечниот исход е уште почуден ако се знае дека пред три недели Јунајтед го победи истиот противник како гостин со 4-1.
Зиркзе вечерва го отвори резултатот во 27. минута, а на истекот од првото полувреме Крејчи го постави конечниот резултат.
РЕЗУЛТАТИ
Барнли - Њукасл 1-3
Челси - Борнмут 2-2
Нотингем Форест - Евертон 0-2
Вест Хем - Брајтон 2-2
Арсенал - Астон Вила 4-1
Манчестер Јунајтед - Вулверхемптон 1-1