Анкета: Јавноста има голема доверба во ФФМ и во работата на претседателот Омерагиќ!
Истражувањето, реализирано од агенцијата „Фјучар Инвест“, опфатило 1.563 испитаници од целата територија на Македонија преку телефонски и онлајн интервјуа, во периодот од 15 ноември до 5 декември 2025 година. Анкетата не била нарачана од ФФМ, а резултатите обезбедуваат објективен увид во ставовите на јавноста за македонскиот фудбал и неговото раководење. Според наодите, 78 проценти од анкетираните имаат висока или многу висока доверба во ФФМ, додека 12% се неутрални. Само 10% изразиле ниска доверба – податок што укажува на стабилен институционален кредибилитет и широка јавна поддршка.
Федерацијата добива позитивни оценки и во сегментот на добро управување. Дури 80% од испитаниците сметаат дека ФФМ работи отчетно и одговорно, а 62% оценуваат дека комуникацијата со јавноста е транспарентна. Вкупно 75% ја оценуваат транспарентноста како целосна или делумна, додека негативните оценки во овој дел се движат меѓу 6 и 8 проценти – значително под европскиот просек.
Истражувањето покажува и многу силна поддршка за претседателот Масар Омерагиќ. Неговата работа е оценета како добра или многу добра од 89% од анкетираните, додека 57% сметаат дека има многу високи лидерски способности. Повеќе од половината испитаници (52%) веруваат дека обезбедува стабилно управување со Федерацијата, а негативните оценки се под два проценти.
Кога станува збор за фер-играта и регуларноста, резултатите се исто така исклучително позитивни. 86% од испитаниците сметаат дека ФФМ ги почитува принципите на фер-игра, а 76% веруваат дека натпреварите се секогаш или често регуларни. Само 3% имаат негативна перцепција, што ја позиционира Македонија над регионалниот просек во овој сегмент.
Јавноста покажува поделени ставови за тогашниот селектор на националниот тим – 39% со позитивна, 19% со неутрална и 42% со негативна оценка, што укажува на висок интерес и големи очекувања од резултатите.
Од друга страна, половина од испитаниците се задоволни од развојот на младинските категории, а дури 76% сметаат дека ФФМ активно инвестира во развојниот фудбал, што се гледа како важна основа за идни реформи.
Квалитетот на домашната лига позитивно го оценуваат 60% од анкетираните, додека клубовите добиваат 40% позитивни оценки, со доминација на неутрални ставови. Овие податоци ја нагласуваат потребата од дополнителни вложувања во инфраструктурата, младинските школи и професионализацијата на клубовите.
Во однос на иднината, 48% од јавноста очекуваат напредок до 2026 година, 34% предвидуваат континуитет, а 18% стравуваат од пад. Сепак, 71% веруваат дека тековните политики водат во правилна насока, 75% се задоволни од стратешкиот правец, а 87% би ја поддржале ФФМ и во наредните 12 месеци.
Заклучоците од истражувањето укажуваат дека ФФМ располага со висока јавна доверба, стабилна поддршка и позитивна перцепција во клучните сегменти на управување, интегритет и визија, што претставува солидна основа за понатамошен развој на македонскиот фудбал и зајакнување на меѓународниот кредибилитет на Федерацијата.