Барса ги собра сите награди на Ла Лига за 2025 година

На три дена пред крајот на 2025, Ла Лига ги избра најдобрите во годината што изминува, а церемонијата, очекувано, помина во знакот на Барселона.

Каталонскиот гигант е прогласен за најдобар клуб, Ханси Флик за најдобар тренер, Ламин Јамал за најдобар млад фудбалер, а играч на годината е бразилскиот репрезентативец Рафиња. Единственото признание кое не замина во Каталонија е тоа за најдобар голман кое го доби чуварот на мрежата на Атлетико, Јан Облак. Поради одморот кој го добија играчите пред продолжението од сезоната, никој од лауреатите не дојде да ги подигне трофеите, туку тоа во нивно име го направи претседателот Жоан Лапорта.

„Благодарен сум за наградите што го добивме. Сезоната беше многу предизвикувачка, како и секогаш, се боревме против нашите најголеми ривали. Добро се сеќавам на тешките моменти, кога тимот најде начин да чекори напред. Имавме тешко патување во ноември, но Ламин, Рафиња, Педри, Балде и другите успеаја да го надминат. Ханси Флик им всади борбен дух. Исто така се сеќавам на лекцијата што ја научивме во Лигата на шампионите, каде што го победивме Реал Мадрид по петти пат“, рече Лапорта, алудирајќи на тоа што Барса отиде подалеку од својот најголем ривал.

Во 2025 година, Барселона ја освои двојната круна во шпанскиот фудбал, триумфираше и во Суперкупот, а единственото разочарување го имаше во Лигата на шампионите каде доживеа елиминација од Интер во полуфиналето.