Рекордерот Симјановски има потекло од Гостивар, ама за жал – изгубен е за Македонија!

Екипата на Црвена звезда синоќа ја совлада Цедевита Олимпија (97-77) во АБА лига, но натпреварот ќе се памети по историското деби на 16-годишниот Огњен Симјановски, кошаркар со потекло од Гостивар, кој, за жал, нема да може да игра за Македонија.

Младиот талент, кој летово пристигна во Црвена звезда од Спартак Суботица, ги одигра првите минути и ги постигна првите поени во сениорска конкуренција, станувајќи најмлад дебитант на црвено-белите во 21. век – со само 16 години и три месеци. Иако презимето јасно упатува на македонски корени, Симјановски е роден во Суботица и веќе настапува за младинските селекции на Србија. Неговиот дедо е роден во Гостивар, но со родителите е роден во Србија, а истовремено поседуваат српски кошаркарски пасош, што автоматски ја затвора вратата за настап во македонскиот репрезентативен дрес. Барем по регуларен пат.

Со своето деби, Симјановски ги надмина и некои од легендите на Звезда – Никола Топиќ, Немања Недовиќ, Саша Обрадовиќ и Предраг Стојаковиќ дебитирале постари од него. Интересно е и дека неговиот брат Душан во минатото бил блиску до настап за Македонија, но во 3х3 кошарката, преку поранешниот репрезентативец Ервин Цого. И таа приказна заврши без епилог.