Ужасна трагедија: Тренер на Валенсија и неговите три деца загинаа во Индонезија!

Спортска Шпанија е во шок по трагичната вест дека тренерот на женскиот Б-тим на Валенсија, Фернандо Мартин и неговите три деца загинале во бродолом во Индонезија.

Несреќата се случила во саботата, а животот го загубиле децата на возраст од 12, 10 и 9 години. Сопругата на Мартин, Андреа и нивната ќерка Мар го преживеале бродоломот и биле спасени од екипите за итна интервенција. Покрај нив, од морето биле извлечени и четворица членови на екипажот, како и туристички водич. Преживеаните се згрижени во градот Лабуан Баџо, каде што пристигнал и шпанскиот конзул.

Фудбалската федерација на Шпанија, како и бројни клубови ширум земјата, упатија изрази на сочувство до семејството Мартин и фудбалскиот клуб Валенсија. Од клубот соопштија дека изразуваат најдлабоко сочувство и целосна поддршка за семејството, пријателите и колегите од женскиот клуб и академијата во овие исклучително тешки моменти.

Несреќата се случила во близина на островот Падар, источно од Бали. Според првичните информации, бродот потонал околу 20:30 часот поради дефект на моторот. Индонезиските власти започнале потрага по телата, но акцијата е отежната поради високите бранови и силните морски струи, поради што се проценува дека потрагата може да трае неколку дена.