Доргу за победничкиот гол за Јунајтед: Не знаев дека сум можел вака да шутирам!

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Патрик Доргу, беше човекот на одлука во синоќешната минимална победа против Њукасл (1-0), постигнувајќи го својот прв гол во дресот на „црвените ѓаволи“.

Младиот Данец (21 година) со прецизен и силен удар ја реши средбата, а по натпреварот искрено призна дека ни самиот не очекувал ваков епилог.

„Беше добар удар. Искрено, не знаев дека сум способен за тоа, но бев пресреќен што го постигнав првиот гол на овој стадион. Чувството беше неверојатно“, изјави Доргу.

Тој откри дека голема улога во неговата одлука и самодоверба имал тренерот Рубен Аморим, кој постојано му давал совети како да реагира во вакви ситуации.

„Го применив тоа што ми го кажа Аморим – за самодовербата и мирнотијата. Ја видов топката како паѓа и едноставно шутирав. Вежбаме вакви работи на тренинзите и очигледно тоа ми помогна“, додаде Доргу.

Тој пристигна во Манчестер Јунајтед годинава во февруари од италијански Лече, а погодокот против Њукасл е негов прв официјален гол за англискиот гигант – кој донесе три големи бода за тимот од „Олд Трафорд“.

ФОТО: EPA PHOTO