Драконска казна за дефанзивец на Севиља - ќе оди на долго „ладење“!

Дисциплинската комисија на Шпанската фудбалска федерација донесе одлука за казни по последното коло одиграни натпревари пред празничната пауза, а дефанзивецот на Севиља, Марсао, најлошо помина.

Бразилецот доби драстична суспензија од шест натпревари, што значи дека ќе биде надвор од терените околу еден и пол месец.

Марсао ќе ги пропушти лигашките натпревари против Леванте, Селта, Елче, Атлетик, Мајорка и Жирона. Казната е поделена на следниов начин: еден натпревар суспензија поради исклучување, еден за неспортско однесување и четири натпревари поради навреда на судијата на натпреварот против Реал Мадрид, одигран на 20 декември на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.

Судијата Муњиз Руиз го опиша инцидентот детално во својот извештај: „Откако играчот на Севиља, број 23, Маркос До Насимиенто Тешеира, беше исклучен, тој се сврте кон мене на кратко растојание од моето лице на заканувачки начин, па мораше да биде одвлечен од неговите соиграчи. Откако се разделија, ми се обрати со следниве зборови: „Фиљо да пута мадре“ (Кучкин син), упатувајќи се кон тунелот во соблекувалната каде што ја шутна топката што беше во зоната на четвртиот судија“.

И покрај сериозноста на обвиненијата, Севиља објави дека ќе се обиде да ја намали казната, иако е свесна дека шансите за тоа се минимални. За споредба, неговиот соиграч Алмејда доби многу полесна казна и ќе пропушти само еден натпревар, оној против Леванте на 4 јануари, со кој Севиља ќе ја започне 2026 година.