„Се плашам дека Алкараз ќе ја заврши кариерата како Борг - на 25 години“

Раскинот на соработката меѓу Карлос Алкараз и неговиот долгогодишен тренер Хуан Карлос Фереро и натаму е жешка тема во тенискиот свет.

Заминувањето на Фереро по исклучително успешниот период предизвика бројни дискусии за иднината на младиот шпански тенисер, а поранешната Гренд слем шампионка Марион Бартоли, исто така, даде свое мислење за ситуацијата, изразувајќи сериозна загриженост. Французинката го коментираше разделувањето меѓу Алкараз и Ферер во својот подкаст за RMC Sports и направи неочекувана паралела со легендарниот Бјорн Борг, кој прерано го напушти тенисот.

„Загрижена сум за разделбата меѓу Алкараз и Фереро, но не претерано, бидејќи Алкараз има исклучителни квалитети за повторно да започне, иако му треба основа. Сепак, се плашам дека ако му е тешко да продолжи без Фереро, би можел да го напушти тенисот како што направи Борг на 25 години. Алкараз е гениј, па не сакам тоа да му се случи, сакам да игра долго време“, рече Бартоли.

Французинката верува дека првите шест месеци од соработката на Алкараз со неговиот  нов тренер Самуел Лопез, ќе бидат клучни. Според неа, овој период ќе покаже дали партнерството има иднина или Алкараз ќе се врати кај својот стар ментор, што таа го гледа како многу веројатен исход доколку нема резултати.

„Првите шест месеци на Алкараз со Самуел Лопез ќе бидат процес на обиди и грешки. Ако работите не одат како што треба и Синер ги освои Австралија Опен и Ролан Гарос, мислам дека Алкараз веднаш повторно ќе го повика Фереро, тоа е сигурно“, заклучи француската легенда.

Борг, всушност, се пензионирал на безмалку 27 години, а една деценија подоцна се вратил на тениските терени и одиграл уште неколку турнири како професионалец.