„Екипите ќе можат да се жалат за ВАР-одлуки, Мусовски е подготвен да игра за Македонија“

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ на денешниот брифинг откри новости поврзани со ВАР-технологијата во македонскиот фудбал, но и за идејата Дени Мусовски од МЛС-лигата да заигра за репрезентацијата.

Омерагиќ кажа дека екипите ќе може да се жалат на ВАР-одлуките доколку сметаат дека се оштетени, по што ќе добијат детална анализа за одредена одлука..

„Екипите кои сметаат дека се оштетени од ВАР, ќе можат да се жалат до ФФМ. Потоа заедно да ја прегледаат снимката и да го слушнат разговорот. Ова ќе биде предлог до Управниот одбор на ФФМ и во пролетниот дел ќе се донесе одлука за да можат видеата од ВАР-собата да бидат достапни“, кажа Омерагиќ.

Искусниот напаѓач со потекло од Македонија, Мусовски кој игра за Сиетл е расположен да го облече дресот на Македонија.

Омерагиќ откри дека разговарал со Македонецот во САД, по што добил позитивен одговор доколку се отвори можноста да го носи дресот на македонската фудбалска репрезентација.