Васоски: Силекс ќе биде освежен со неколку нови имиња!
Есенскиот дел од сезоната Силекс го заврши на четвртото место со 11 бода зад лидерот Вардар, а третопласираната Шкендија има пет бода повеќе од кратовскиот тим.
„Имаме исто бодови како лани кога бевме есенски прваци, но Вардар и Струга ТЛ освоија повеќе бодови оваа сезона и мораше да се задоволиме со тоа четврто место. Можеше и подобро, жал ми е за мечот со АП Брера каде водевме со 1:3 и на крајот мораше да се задоволиме со бод, и со Арсими на домашен терен кога бевме поразени во ненормални услови за игра. Поразите од сите три водечки екипи не беа со некоја доминантна игра на противниците, туку од наше неисксутво“, рече Васоски за официјалниот сајт на ФФМ.
Васоски зборуваше и за амбициите во пролетниот дел од сезоната, како и за играчкиот кадар и можните засилувања и заминувања од тимот.
„Прехрабро и преоптимистички е да кажам дека ќе бидеме прваци. Нашата цел е излез во Европа. Имаме уште шест меча со првите три екипи, а Купот потсвесно го посакуваме, каде патот може да биде полесен до пехар и до Европа. Ќе играме наша игра и на пролет, Силекс игра офанзивен фудбал, и кога губиме и кога водиме создаваме шанси, играме добар фудбал, нашите мечеви никогаш не се здодевни, настапуваме дисциплинирано и она кое го бара европскиот фудбал. Што се однесува до играчкиот кадар, ќе биде освежен тимот со неколку нови имиња. Драстични промени ќе има само доколку некои од играчите бидат продадени на некои од заинтересираните клубови од странство. Има интерес за одредени фудбалери, но не знам дали сега би било паметно да ги пуштиме или да размислуваме за трансфери на крајот од сезоната. Ќе видиме деновиве, ќе имаме состанок со раководството, и заеднички ќе одлучиме што е најдобро за тимот“, заклучи Васоски.