Тукушто му тргна, Миовски се повреди - може да отсуствува подолго време

Менаџерот на Ренџерс, Дени Рел објави дека клубот ќе „мора внимателно да ја разгледа состојбата“ на македонскиот репрезентативец Бојан Миовски откако тој беше повлечен од игра на мечот против Ференцварош во Будимпешта.

Напаѓачот, кој му донесе рано водство на Ренџерс со прекрасен гол, доживеал тежок удар во второто полувреме пред да биде заменет. Зборувајќи по натпреварот, Рел призна дека повредата може да биде повеќе од мал проблем и дека медицинскиот тим ќе го процени македонскиот интернационалец во наредните денови.

„Бојан доби удар, но можно е да станува збор за нешто потешко. Се надевам дека не е таков случај, но мора да го разгледаме правилно. Ни требаат сите во добра форма за она што следи“, рече Рел.

Миовски беше една од ретките светли точки на мечот со Ференцварош, откако претходно постигна два гола против Килмарнок. Повредата доаѓа во период кога влезе во фантастична форма и почна да постигнува голови во серија. Токму затоа ќе биде голем проблем ако биде принуден да паузира подолго време.