КФМ за десет дена ќе организира олстар – ќе се игра според правилата на НБА!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска официјално потврди дека на 21 декември повторно ќе се одржат олстар-натпревари, кои по подолга пауза се враќаат во официјалниот календар.

Планирани се три мечеви, а во фокусот ќе бидат младите таленти и најдобрите сениорски кошаркари и кошаркарки. Настанот ќе почне со дуел на надежите до 20 години, каде ќе настапат најперспективните играчи од генерацијата, по што ќе следуваат женскиот и машкиот сениорски олстар-дуел. Во двете сениорски конкуренции ќе се соочат селекциите Македонија и Свет, составени од најдобрите домашни кошаркари и странските играчи кои настапуваат во машката Супер лига и женската Прва лига. Ова е своевидна копија на годинешното издание на НБА олстарот, каде што првпат во историја ќе се игра меч меѓу Американците и интернационалците.

Дополнителна атракција ќе бидат и ревијалните натпревари во забивање и шутирање за три поени, кои ќе се одржат во паузите меѓу четвртините. Во рамки на манифестацијата ќе се реализира и свечено доделување на награди и признанија за најуспешните поединци и екипи, како признание за нивниот придонес и постигнатите резултати во македонската кошарка.

Деталите околу составите на екипите, стручните штабови и пропратната програма ќе бидат објавени во понеделник.