Чкембари ги будеа вардарци, но го разбудија ли лавот во нив - дерби кое може да значи титула!
По 15 одиграни кола Вардар е прв со максимални 30 бодови, Пелистер има четири помалку. Ваквиот сооднос го прави овој меч да изгледа како клучен во борбата за титулата иако има уште многу да се игра до крајот.
Доколку победи Вардар, ќе се одлепи на плус шест бодови, а таквата предност ќе биде речиси недостижна за Пелистер, па битолчани мора да слават денеска за да ја одржат надежта за одбрана на титулата. Реми повеќе ќе му одговара на гостинот.
Пред почетокот на сезоната Пелистер го доби дуелот од Суперкупот проти Вардар, но откако стартуваше лигата, црвено-црните фатија победнички ритам кој никој досега не успеа да го скроти. Момците на Чупиќ се надеваат дека самодовербата креирана од таквиот налет ќе биде присутна и денеска во Битола и на крајот ќе вроди со плод.
Пред неколку дена Пелистер се раздели со тренерот Гарабаја, додека бараат нов тренер, битолчани ќе ги предводи Звонко Шундовски кој ќе го води тимот на денешниот натпревар. Дали ова ќе биде предност или маана за нив, ќе се види за време на натпреварот.
Дуел ќе има и на трибините, билетите за дербито веднаш беа распродадени, а поддршка ќе има и Вардар, „Комитите“ ќе бидат во салата „Боро Чурлевски“.
Навивачката група „Чкембари“ ноќеска во два часот наутро направи обид да му помогне на својот клуб, со огномет и бучава пред хотелот каде што се сместени ракометарите на Вардар не им даваа нормално да спијат.
Ваквиот потег е меч со две острици, може да влијае негативно на ракометарите на Вардар доколку им бил нарушен сонот, но може и дополнително да ги мотивира вечерва да изгинат за црно-црвениот дрес и да го решат прашањето за титулата.
Како и да е, вечерва се очекува вистинска лавовска борба од двата тима за секоја топка во сите 60 минути од мечот.