Барса подготвена да ја напушти Евролига - ако НБА понуди повеќе

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта зборуваше за можноста клубот да ја напушти Евролигата.

Пред натпреварот од 14. коло од натпреварувањето во кое неговиот тим игра против Црвена Звезда од Белград, Лапорта зборуваше за потенцијална поделба меѓу двете страни, а во пресрет на доаѓањето на НБА во Европа. Тој тврди дека е подготвен да го продолжи договорот со натпреварувањето, но со услов.

„Лиценцата на Евролигата истекува во јуни 2026 година, а клубовите што нема да ја обноват ќе го изгубат правото да учествуваат. Се обидуваме да ѝ дадеме до знаење на Евролигата дека Барселона е важен дел од натпреварувањето и тие го разбираат тоа. Предложивме обновување со Евролигата, но со можност за флексибилност во случај предлогот на НБА да биде подобар“, рече Лапорта во интервју за „Мундо Депортиво“.

Во меѓувреме, НБА не губи време.

„НБА ни нуди средба за да можат да ни дадат повеќе детали за предлогот. Засега, сите овие средби звучат многу ветувачки, но сè уште немаме конкретна понуда“, заклучи Лапорта.