Шокантен отказ во НБА и тоа на – голема ѕвезда во неговата последна сезона!
Веста дошла ненадејно и за самиот кошаркар, кој на Инстаграм напиша: „тукушто дознав дека ме праќаат дома“. Првиот човек на кошаркарските операции, Лоренс Френк, ја потврди одлуката и потенцираше дека Пол не е причина за разочарувачкиот старт на сезоната (5-16).
„Се разделуваме со Крис и тој повеќе нема да биде дел од тимот. Тој е легенда на Клиперси. Сакам да бидам јасен – никој не го обвинува Крис за нашите резултати“, изјави Френк.
Иако не е прецизирано што довело до ваквиот чекор, медиумите во САД наведуваат дека клубот бара решенија во обид да ја спаси сезоната пред тоа да стане невозможно. Пол летоска потпиша едногодишен договор вреден 3,6 милиони долари, со најави дека ова ќе биде последната сезона во неговата кариера. На паркетот поминуваше околу 14 минути по меч и имаше просек од 2,9 поени, 1,8 скока и 3,3 асистенции на 16 настапи. Во својата 21-годишна кариера во најсилната лига на светот, Пол одигра 1.370 натпревари и оствари просек од 16,8 поени, 4,4 скока и 9,2 асистенции, влегувајќи меѓу најдобрите додавачи во историјата на лигата.