Шкендија и Работнички во дуел кој ниту еден од двата тима не смее да го загуби!
Тетовци влегуваат во средбата по поразот на гостувањето кај Дрита во Конференциската лига, но стручниот штаб и играчите уверуваат дека тимот е целосно насочен кон освојување на трите бода. Успехот ќе значи и „залечување“ на европските рани, но и продолжување на потерата по водечките на табелата, кои веќе ги завршија своите натпревари со победи над Башкими и Шкупи. Левиот бек Нуман Ајети нагласува дека тимот е подготвен и физички и ментално.
„Поразите се дел од фудбалот, но мора да гледаме напред. Максимално сме фокусирани на Работнички, респект за секој противник, но целта се три бода. Сакаме да си ги израдуваме навивачите и да покажеме карактер“, изјави Ајети.
На спротивната страна, Работнички пристигнува во Тетово со само седум освоени бода и пласман на претпоследното место. Секој натпревар станува клучен во борбата за опстанок, а тренерот Ален Тупајиќ очекува реакција од својот тим.
„Знаеме дека гостуваме кај еден од најсилните тимови во лигата, но немаме право на грешка. Мораме да освојуваме бодови и да ја намалиме негативата во однос на конкурентите. Уверен сум дека можеме да одиграме солиден натпревар“, изјави Тупајиќ.