Чкембари остро реагираат: Зошто банка од Битола реши да дава пари во Вардар?!
Според битолските фанови, само неколку дена по купувањето на банката од страна на српската Алта банка, финансиската институција – иако сè уште нецелосно ребрендирана – веќе се појавува како нов спонзор на ракометниот клуб Вардар. Чкембари посочуваат дека и фудбалскиот клуб Вардар во последниот период добива нови финансиски поддржувачи. Од навивачката група оценуваат дека ваквите процеси потсетуваат на периодот од пред речиси една деценија, кога, според нивните тврдења, клубовите Вардар функционирале како државни проекти „под маска“ на приватен капитал.
Тие упатуваат критики и за односите со спортските федерации, судискиот третман, како и за, како што наведуваат, блискоста на актуелниот министер за спорт со клубот.
„Дали насочувањето на државни, јавни и големи приватни компании кон финансирање само еден клуб е фер кон сите останати спортски колективи?“, прашуваат Чкембари, додавајќи дека ваквиот модел може да создаде нереално високи плати и пазарни услови кои другите клубови не можат да ги следат, со што стануваат неконкурентни.
Навивачката група ја повика битолската политичка и институционална елита да реагира и да не остане нем набљудувач на случувањата. Според нив, прашањето е од витално значење за битолските клубови, спортски работници, навивачи и граѓаните кои, како што велат, им ја дале довербата на избраните претставници.