Работнички со нов тренер ќе се обиде да ја изненади Струга!
Додека беше репрезентативната пауза Работнички направи тренерска смена, на местото од Турчинот Алпарслан Ердем, дојде српскиот стратег Ален Тупајиќ кој има за цел да донесе подобри резултати и да го спаси тимот од испаѓање.
„Позицијата на Работнички е незавидна и сите во клубот сме свесни дека тимот мора да почне да победува и да освојува поени, затоа што бодовното салдо досега е повеќе од скромно. Затоа и дојдов, да промениме некои работи и да се обидеме да ги подигнеме нивото на играта и мотивацијата. Не е спорно дека Работнички поседува квалитет, но ќе треба тоа да го покажуваме од натпревар во натпревар и пред сѐ да освојуваме бодови. Струга Трим Лум е еден од најдобрите тимови во лигата, но посакуваме позитивен резултат, за да направиме еден добар исчекор“, вели новиот тренер, Ален Тупајиќ.
Струга е најсериозниот кандидат на Вардар за шампионската титула, но за да го одржат чекорот со црвено-црните потребна им е победа на денешниот меч.
„Струга Трим Лум секогаш се обидува да победи, на секој нареден натпревар. Се надеваме дека со таков ќе стигнеме и на врвот. Засега сме во улога на конкуренти за највисок пласман и се надеваме на триумф и на денешниот меч против Работнички. „Стратегијата на тимот останува иста, дури и кога тренерот ќе промени по неколку играчи. Сите треба да ја одработат својата улога и најважното е Струга Трим Лум да стигне до успех. И јас се трудам да дадам сè од себе и да му помогнам на тимот во секоја ситуација“, вели фудбалерот на Струга, Ласана Дијако.