Илиевски: Димитријевиќ прво прифати да игра за Македонија, па - престана да се јавува!
Селекторот Марјан Илиевски нагласи дека, додека тој го води тимот, за еден од најквалитетните македонски кошаркари вратата секогаш ќе биде отворена — но одговорот на повикот зависи исклучиво од самиот играч. Илиевски откри дека Димитријевиќ пред околу три недели, преку тим-менаџерот Бојан Георгиевски, најавил дека ќе се приклучи на собирот, но дека последните денови нема никаков контакт.
„Во последната недела таа релација не постои, бидејќи не ни креваше телефон. Можеби најдобро одговорот за Димитријевиќ да го даде Георгиевски, но од наша страна, за играч со таков квалитет, вратите се секогаш отворени“, рече селекторот, додавајќи дека шпекулациите околу Нено се бројни, но дека федерацијата стои зад секој негов потенцијален камбек.
Паралелно со ситуацијата околу плејмејкерот, Македонија го започна собирот за првите два меча од претквалификациите – против Азербејџан на домашен терен (27 ноември) и против Ирска во гостување (30 ноември). Илиевски предупреди дека нема место за потценување и покрај променливите настапи на Азербејџан и непредвидливата игра на Ирска, секој дуел ќе бара максимален напор. Тој обелодени дека противниците влегуваат со измени – Азербејџан го менува странскиот играч и наместо центар носи плејмејкер, што ќе ја смени нивната игра. Тимот на Македонија, пак, ќе има само три дена за воигрување.
„Не сакам никој да сфати здраво за готово дека за три дена ќе видиме нешто сосема ново, иако имаме искусни имиња во ростерот“, дополни предводникот од клупата.
Овој циклус го носи и враќањето на капитенот Војдан Стојановски, а тука пак се Џејкоб Вајли, Адем Мекиќ и Андреј Магдевски, додека новитет на списокот е крилото Андреј Јакимовски, кој блеска во италијанската лига со Тренто.
„Јакимовски игра во силен систем и неговото присуство многу ќе значи,“ истакна Илиевски.
Македонија на собирот ќе располага со двајца натурализирани играчи. Вајли е веќе присутен, додека Омари Мур пристигнува во среда. Одлуката кој од нив ќе настапи на кој меч ќе биде донесена по тренинзите, а Нејт Сестина засега не е во опција бидјеќи ќе паузира три месеци поради повреда. Илиевски нагласи дека летоска екипата работела под притисок од бројни гласини и дезинформации, но дека сега тимот е стабилизиран и надополнет со поискусни кошаркари.
„Оние што беа со нас летото го дадоа максимумот, нивното време доаѓа. Но сега имаме група со повеќе носители на играта, кои ќе бидат од значење во овој циклус“, заврши селекторот.
Во нашата група е уште и Луксембург, а пласман во втората претквалификациска фаза сигурно ќе обезбеди само првопласираната селекција.