Победи во УФЦ, па се врати на својата работа во градежништво! (ВИДЕО)
Минатиот викенд, на настанот УФЦ 322, Етин Евинг го победи Малком Велмејкер. Но откако заврши се, мораше да се врати на својата работа како градежник.
Тој имаше пријатен дочек од своите колеги на работа и беше видно расположен, но ова покрена лавина реакции против сопственикот и организатор на УФЦ, Дена Вајт.
Веќе одамна се зборува дека Дена Вајт многу слабо ги плаќа борците иако УФЦ заработува огромни пари.
Годишниот приход достигна речиси две милијарди долари, а солидно се платени само елитните борци. До пред некое време и тие се жалеа на сумите кои ги добиваат.
Исклучително е тешко за еден борец да се стигне до ниво за да се настапи на УФЦ, а иако победуваат, со добиените пари тешко можат да си го платат и лекувањето по повредите здобиени од мечот.
Пример е Етин Евинг кој веднаш по победата му се врати на градежништвото.
Тој заработи 12.000 долари за самото учество, уште толку за победата и 50.000 долари бонус.
Ако се знае дека еден УФЦ борец ретко може да има повеќе од две борби годишно, а трошоците за тренинг и лекување по мечевите се сериозни, јасно е дека само најдобрите може да се збогатат од овој спорт, иако организацијата прави огромни пари.