Арсими сензационално ја потопи Шкендија, Тиквеш му одржа лекција на Башкими (ВИДЕО)
Ова е петта победа за составот од Чегране во досега одиграните 14 меча и тоа со најголемо значење. Клучно за нивниот триумф беше фуриозниот старт на второто полувреме, кога постигнаа два гола во првите пет минути преку Шефит Шефити и Албан Таипи. Потврда на триумфот дојде со третиот погодок постигнат во 75. минута преку Џемиљ Јахији. За тетовци ова е само втор пораз сезонава и тоа во најлош можен момент, пред мечот против Дрита од Конференциската лига, закажан за в четврток на теренот на противникот. Шкендија со овој, релативно непланиран, пораз, дојде на големи минус шест бода зад лидерот Вардар (36).
Убедлив триумф оствари и екипата на Тиквеш, која со идентичен резултат го прегази Башкими (3-0). На оваа средба, пак, пресудно беше првото полувреме во кое кавадарчани ги постигнаа трите гола. Ивановски го отвори резултатот во 17. минута, Стојанов зголеми на 2-0 во 32. минута, за четири минути подоцна Јонус да го постави конечниот резултат. Тиквеш со оваа победа ја „прескокна“ Македонија ЃП и со 15 бода е на осмата позиција на табелата, додека Башкими останува петтопласиран со 22 бода.