Шевченко: Импресиониран сум од Модриќ, но Милан не е на нивото на Интер!

Украинската фудбалска легенда и поранешен играч на Милан, Андриј Шевченко има големи пофалби за Лука Модриќ, но вели дека росонерите треба уште да работат за да го стигнат ривалот Интер.

Во недела на програмата е големото градско дерби меѓу Интер и Милан, па по тој повод „Ла Република“ му направи интервју на Шевченко.

„Импресиониран сум од Модриќ, тој прави голема разлика. Но како тим Милан мора да направи уште неколку чекори за да дојде на исто ниво со Интер“, рече Шевченко.

„Кога ја завршуваш сезоната, вртиш нова страница и почнуваш од почеток. Тимот на Интер остана практично недопрен, дури и се засилија. Киву се чини дека е тренер со добра фудбалска визија, има вистински идеи, тие се меѓу фаворитите за Скудетото“.

„Милан мораше повторно да стекнува сигурност и цврстина. Да се изгради од ново по потешкотиите со кои се соочуваше минатата сезона. Треба да се земе во предвид и тоа што дојдоа многу нови играчи. Алегри добро управува во оваа фаза иако не му е лесно“.