Гол за историја: Ножичките на Мектоминај ја засенија дури и мајсторијата на Роналдо (ВИДЕО)
Неговиот погодок, според официјалните мерења, е повпечатлив и повисок дури и од легендарните „ножички“ на Кристијано Роналдо против Јувентус во 2018 година. Мектоминај уште во третата минута со совршено изведени „ножички“ ја затресе мрежата на Каспер Шмајхел, погодувајќи ја топката на неверојатна висина од 2,53 метри. Тоа е значително повеќе од познатиот Роналдов погодок, кога Португалецот ја зафати топката на висина од 2,38 метри, што англиските медиуми веднаш го истакнаа како директна споредба – и како доказ дека Шкотланѓанецот го постави новиот неофицијален рекорд.
Акцијата ја започна Бен Доак со прецизен центаршут од десната страна, а Мектоминај во полн трк високо се подигна и ја изведе технички беспрекорната акробација што го проби данскиот голман. Погодокот не само што ја најави победата за Шкотска, туку за неколку часа стана вирален хит и предизвика масовни реакции.
Навивачите веднаш започнаа дебата дали Мектоминај го надминал својот поранешен соиграч од Манчестер јунајтед – и според бројките, одговорот е да. Со висината на ударот и техничката сложеност, многумина го нарекоа овој гол еден од најатрактивните што некогаш се постигнале на репрезентативно ниво.