Нејмар ја прифати фрлената ракавица од Анчелоти – погоди првпат по три месеци (ВИДЕО)
Во центарот на вниманието беше бразилската суперѕвезда Нејмар кој го отвори резултатот во четвртата минута и со тоа го прекина постот кој траеше повеќе од три месеци. Неговиот последен гол датираше од 5 август кога против Жувентуд два пати ја тресе противничката мрежа.
Малку недостасуваше погодокот на Нејмар да биде победоносен за Сантос, но во второто полувреме неговите соиграчи направија пенал од кој погоди Реиналдо и го постави конечниот резултат. На четири кола пред крајот на сезоната, Сантос е на 16. место на табелата, едно над зоната за испаѓање.
Со постигнатиот гол Нејмар ја прифати фрлената ракавица од селекторот на бразилската репрезентација Карло Анчелоти кој неделава изјави дека му дава шест месеци да се врати во форма и да се избори за место во националниот тим за Светското првенство.