Штип УГД го прегази Кол и се пласира во следна рунда на Челинџ Купот

Македонската одбојкарска екипа Штип УГД славеше во реваншот против норвешки Кол со 3-0 во сетови, односно 25-18, 25-23 и 25-16 и го доби и „златниот сет“ (15-8), па така се пласира во следната рунда на ЦЕВ Челинџ Купот.

Штип УГД влезе во мечот со негатива од 1-3 против Кол поради поразот на гостински терен, меѓутоа уште во првиот сет најави дека ќе оди на победа и го доби со 25-18.

Кол покажа поголем отпор во вториот сет, па дури и водеше со 18-15, но домашната екипа се разигра во продолжение и со пресврт славеше со 25-23.

Одбојкарите на Штип беа одлични во третиот сет, додека Кол се мачеше да се одбрани од нападите на домашниот состав, меѓутоа едноставно македонската екипа беше незапирлива и триумфира со 25-16.

Македонската екипа беше одлична и во „златниот сет“, кој им припадна со 15-8 со што го обезбеди пласманот во следното коло од ЦЕВ Челинџ Купот, каде ќе се соочи против Милано.

Најефикасен на теренот беше Стојан Илиев кој запиша 22 поени на натпреварот, додека Махди Заднард го заврши мечот со 15 поени.

Фото: Одбојкарски клуб "Штип Угд" - Штип