Момент за историја: Реал Мадрид го „смени“ името на својот легендарен стадион!

Челниците на Реал Мадрид донесоа историска одлука и тоа за официјално кратење на името на својот легендарен стадион, кој од сега ќе се вика само „Бернабеу“.

Одлуката е дел од поширока стратегија за модернизација и ребрендирање, а стана јавна за време на промотивните активности на клубот со НФЛ. Новото лого со поедноставениот назив се појави оваа недела, токму пред историскиот прв меч во американски фудбал што ќе се одигра во Шпанија — дуелот меѓу Вашингтон Командерс и Мајами Долфинс кој ќе се одигра в недела на „Бернабеу“.

Стадионот, кој го носи името на легендата и поранешен претседател Сантјаго Бернабеу, неодамна помина низ голема реконструкција. Обновениот комплекс доби современа гастрономска зона, нови барови и угостителски објекти, што за клубот претставува значително проширување на комерцијалните приходи. Архитектот Жозеп Рибас најави дека до 2026 година ќе биде завршена и целосната звучна изолација, што ќе овозможи редовно одржување концерти без да се нарушува секојдневното живеење. Веќе оваа зимa е планирано стадионот да биде домаќин на голем божиќен тематски парк за деца и семејства.