Ѓорческа: Во македонскиот спорт мажите се фаворизирани - тоа треба да се промени!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа во интервју за сајтот на Тениската федерација на Македонија зборува за нејзиното минато и сегашните предизвици.

Меѓу другото таа смета дека има предрасуди и нееднаквости кога станува збор за машкиот и женскиот спорт во Македонија.

„Во секој спорт во Македонија мажите се фаворизирани, како во федерациите, така и во медиумите. Едноставно нема промени за родова еднаквост – ништо не се менува. Дефинитивно многу повеќе се зборува, пишува за машкиот спорт отколку за настапите на жените. На пример ретко кој знаеше дека Македонија имаше претставничка на четирите Грен слем турнири. Кога ќе ме прашаа каде настапуваш? Во Париз. Е па супер, како да е „секојдневие“ Македонија да е на Ролан Гарос. Како споредба ако некој фудбалски клуб игра во Лига на шампиони во Мадрид против Реал Мадрид ќе се зборува многу, многу повеќе“, вели Ѓорческа.

Таа смета дека треба да се направи многу повеќе за развој на женскиот тенис во Македонија.

„Женскиот тенис во некои држави (ги има многу) има систем, што не е случај кај нас. Дај Боже да грешам. Нема мали деца кои тренираат, треба да има повеќе деца (девојчиња) што ќе тренираат, па да се направи селекција. Сега тренираат и играат за да стигнат до колеџ и тука завршува женскиот тенис. На турнири кај нас некогаш нема ниту осум тенисерки. Тоа е поразително. Потребно е повеќе да се зборува за женскиот тенис, да има реклама, да се работи во детскиот тенис да има тениски школи повеќе. Треба да има и повеќе тренери жени, судии, … во светот има повеќе отколку кај нас, има и жени судии кои судат на големите турнири, еве сега и кај нас има две жени во рангот на судии (Анета и Михаела), тоа е добро, но треба уште повеќе, едноставно нема жени тренери. Кога ќе ја завршам кариерата ќе се потрудам на кој било начин за придонесам за женскиот тенис“.

Ѓорческа открива дека во минатото помислувала да се откаже од тенисот, но благодарение на нејзиниот татко продолжила да игра.

„Во тинејџерските години многу пати сакав да се откажам. Сакав како сите на мои години, да се дружам со другарките, да излегувам (на родендени, на забави), … сепак голема поддршка имав од татко ми поранешен спортист професионалец (одбојкар). Не ме форсираше, но ми го укажуваше вистинскиот пат во спортот, да не беше татко ми можеби и ќе се откажев“.

Целото интервју може да го прочитате на овој ЛИНК.