Синот на Буфон го постигна првиот репрезентативен хет-трик - ама не за Италија!

Европската фудбалска јавност со внимание го следи подемот на 18-годишниот Луис Буфон, синот на легендарниот голман Џанлуиџи Буфон, кој овој викенд заблеска со својот прв хет-трик во дресот на чешката репрезентација до 19 години.

Тој беше најзаслужен за убедливата победа на Чешка против Азербејџан (6-1) во квалификациите за Европското првенство У19. Младиот офанзивец погоди во 54., 64. и 93. минута, преземајќи ја главната улога во едно од најубедливите изданија на чешката млада селекција во последните циклуси. Иако е роден во Торино и дел од детството го поминал покрај својот славен татко, Луис реши да ја претставува Чешка, земјата на неговата мајка – познатата манекенка и ТВ личност, Алена Шередова.

Фудбалскиот развој го доби во академијата на Јувентус, клубот со кој е најсилно поврзано семејството Буфон. Преклани премина во Пиза, член на Серија А, каде веќе запиша два настапи на сениорско ниво. Стручњаците во Италија и Чешка одамна укажуваат на неговиот потенцијал, а овој хет-трик се смета за можен пресвртeн момент во неговиот пат кон поважна улога во Пиза и кон брз пробив во сениорската репрезентација.