Со победа против Летонија да се загрееме за Велс!

Фудбалската репрезентација на Македонија денеска со почеток од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Летонија во пријателски меч.

Мислите на фудбалерите и на македонската јавност се во Кардиф каде против Велс ќе го одиграме последниот квалификациски меч за пласман на Светското првенство, тој дуел е на 18. ноември, но претходно имаме домашна задача против Летонија.

Денешниот натпревар против Летонија треба да биде добра увертира за мечот против Велс. Селекторот Милевски вети дека фудбалерите нема да се штедат денеска бидејќи до натпреварот во Кардиф имаме уште пет дена, а тоа е доволно одмор. Според него и денеска ќе одиграме максимално и ќе бркаме победа која ќе ни ја зголеми самодовербата и ќе ја одржи позитивната атмосфера во репрезентацијата.

Македонија игра во голема форма во последно време, позитивните резултати не ставија во позиција да се надеваме на историски пласман на Светското првенство. Отпаднавме од конкуренција за директен пласман на Мундијалот, но имаме сигурен бараж во рацете.

Селекцијата на Летонија е репрезентација која треба да ја победиме. За разлика од нас тие се во лоша форма, иако во квалификациите им покажаа заби на Србија и Албанија. Во последниот репрезентативен прозорец тие сепак изгледаа лошо, одиграа реми со Андора и примија пет гола од Англија на свој терен.

Летонија е репрезентација која досега секогаш сме ја победувале, па нека биде така и денеска.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) одлучи влезот за овој натпревар да биде слободен, а тоа е добра можност за навивачите да се соберат во што поголем број и да ги поздрават фудбалерите за изборениот бараж за Светското првенство.