Гарабаја: Секој играч си ја сфати улогата, победивме како тим

Македонскиот првак Пелистер ја оствари втората победа оваа сезона во Лигата на шампионите откако синоќа во Битола го совлада Пик Сегед.

Израмнетиот натпревар беше решен во самиот финиш, а Пелистер со триумфот се врати во игра за пласман во нокаут фазата од елитното натпреварување. Тренерот Рубен Гарабаја е задоволен од играта на неговиот тим, а пред се од победата против екипа која дојде како фаворит за триумф.

„Го почнавме натпреварот со неверојатна одбрана, мислам дека ПИК Сегед го сфати тоа и почна да игра седум на шест. Имавме неверојатен голман во првиот дел, но со таа игра противникот дојде до лесни шутеви и ни направи проблем. Во вториот дел се боревме и ние и тие, плус еден за нас, плус еден за нив, но на крајот победивме како тим. Секој играч си ја сфати својата улога и сите разбраа дека се важни во овој меч. Кога сите работи функционираат и ние сме како тим, може да го победиме секого. Мора да бидеме перфектни, да ни биде јасно дека со план како во првиот дел, кога сите сме внатре, тимот работи. ПИК Сегед можеби имаше проблеми со повреди пред овој меч, ама ова беше многу важна победа за нас“, рече Гарабаја.

И во осмото коло Пелистер се среќава со екипата на ПИК Сегед, но на гостински терен.