Пауновиќ од српските фудбалери побара само едно - почит кон репрезентацијата!
Пауновиќ ќе има тешко деби, против Англија во Лондон, а потоа доаѓа мечот со Летонија во Белград. Тој ќе бара голема дисциплина од фудбалерите и нема да толерира лажни повреди за да се заобиколи настапот за Србија.
„Додека јас сум тука, сакам да се почитува репрезентацијата. Во разговор со соработниците детектиравме проблем кој мора моментално да се реши. Сакам јавно да кажам дека репрезентацијата мора да се почитува, да се одговара на повици, да не се измислуваат повреди и разноразни причини. Ако не, мораме во Сојузот да воспоставиме кодекс и последици за сите кои не го исполнуваат култот и вредностите кои треба да ги има секој репрезентативец. Тоа се работи кои мора брзо да ги дефинираме. Би сакал сите млади момци, но и останатите, да ја чујат оваа порака и да знаат дека од нив зависиме“, изјави Пауновиќ.
Во репрезентацијата на Србија почнува нова ера, а Пауновиќ сака неговиот мандат да се одликува со јасни правила и ред.