Почина првиот тренер што ја мина границата од 1.000 победи во НБА

Лени Вилкинс, трикратен член на НБА Куќата на славните - како играч, тренер и член на „Дрим тимот“ од 1992 година - почина на 88-годишна возраст, соопшти неговото семејство.

Легендарниот плејмејкер и тренер починал опкружен со своето семејство, а причината за смртта не е објавена. Вилкинс беше синоним за елеганција и достоинство на теренот и на клупата. За време на неговата кариера, тој помина 2.487 натпревари во НБА, што останува рекорд во лигата, а исто така влезе во историјата како прв тренер со повеќе од 1.000 победи. Тој ја предводеше американската репрезентација до злато на Олимписките игри во Атланта во 1996 година, а четири години претходно беше асистент во славниот „дрим тим“ што ја освои Барселона, под водство на Чак Дејли.

„Лени Вилкинс го претставуваше најдоброто што НБА може да го понуди. Тој беше шампион, визионер и еден од најпочитуваните амбасадори на играта. Неговата посветеност на заедницата, особено на Сиетл, беше исто толку инспиративна како и неговите спортски достигнувања“, објави Комесарот на НБА, Адам Силвер.

Како играч, Вилкинс помина 15 сезони со Сент Луис Хокс, Сиетл Суперсоникс, Кливленд Кавалирс и Портланд Трејл Блејзерс. Одигра девет Ол-стар натпревари и беше два пати најдобар стрелец во лигата. Во својата прва сезона во Сиетл, тој имаше просек од 22,4 поени, 8,2 асистенции и 6,2 скока. 

Како тренер, тој е најпознат по освојувањето на титулата во НБА со Сиетл во 1979 година, триумф што го направи вечна легенда во тој град. За две децении тренерска работа, ги водеше Сиетл, Атланта, Кливленд, Торонто и Њујорк. Во 1994 година, Вилкинс беше прогласен за тренер на годината, а кога се пензионираше во 2005 година, имаше 1.332 победи, што беше рекорд во НБА во тоа време.

Негова статуа беше подигната пред арената Климат Плеџ во Сиетл, како симбол на почит кон човекот што го обележа градот. Тој беше и долгогодишен хуманитарец - неговата фондација со децении ѝ помагаше на Детската клиника „Одеса Браун“.

Роден на 28 октомври 1937 година во Бруклин, Вилкинс се заљуби во кошарката на терените во Њујорк и ја започна својата професионална кариера по престојот на универзиртетот Провиденс, а беше избран како шести пик на НБА драфтот во 1960 година. Првпат седна на клупата како играч-тренер во 1969 година во Сиетл, каде што, како што самиот рече, „ја откри магијата на тренерството“. Оттогаш, тој страсно ги водеше тимовите, а неговата смирена и авторитативна природа ја споменаа многу поранешни играчи, вклучувајќи го и Стив Кер.