Работнички е најопасен кога е во криза, Струга против Арсими брка бодови за врвот!

По поразот од Арсими (2-4), екипата на Башкими денеска го дочекува Работнички (13 часот) со јасна цел – освојување на трите бода.

Првиот дуел меѓу овие два тима сезонава заврши со триумф на кумановци (2-0) во Скопје, но историски гледано, Работнички има подобар биланс - девет победи наспроти четири на Башкими, додека четири средби завршиле без победник.

„Работнички е најопасен токму кога е во криза и тоа не смееме да го потцениме. Максимално сме мотивирани, сакаме веднаш да го надминеме поразот од Арсими. Домашниот терен треба да ни биде предност, но не и непотребен комфор. Трите бода се императив“, истакна Мурати.

Различна е ситуацијата во редовите на „романтичарите“. Работнички има само седум бода по 12 кола и се наоѓа на дното, со потреба итно да најде ритам и стабилност. Во клубот веруваат дека токму овој натпревар може да означи пресврт.

„Формата не е на ниво и тоа се гледа. Мора да почнеме да освојуваме бодови на секој натпревар. Се надеваме дека дуелот во Куманово може да биде моментот што ќе го промени текот на сезоната“, вели играчот за врска, Теодор Николовски.

Денеска ќе се игра и крај Охридското езеро, каде што Струга ќе го пречека забревтаниот Арсими. Домаќинот брка победа со која ќе се искачи на првото место барем до утрешниот меч на Вардар против Тиквеш. Арсими, пак, со само еден пораз во последните пет кола, најавува дека фаворитите од Струга нема да стигнат лесно до посакуваната победа.