ТФТ подобар од Ангели за „шест од шест“ во лигата!

Кошаркарите на ТФТ Скопје триумфираа против КК Ангели со 67-57 за шеста победа во македонската Суперлига, додека Феникс го надигра Тиквеш со 86-82.

ТФТ имаше одличен старт на мечот и предност од 10-0, по што Ангели возвратија со серија од 10-0 за израмнување на резултатот. Сепак, екипата од Тафталиџе успеа набрзо да ја добие првата четвртина со 15-10, а продолжи и да доминира до крајот на полувремето, па на паузата замина со 27-16.

Ангели имаа криза во нападот, а тоа го искористи ТФТ за да поведе со +16 (35-19). Сепак, гостинскиот состав полека фати ритам и намали на седум поени негатива (38-45). Во последните 10 минути разликата падна и на четири поени (56-52), но ТФТ не дозволи изненадување и на крајот славеше со двоцифрена предност (67-57).

Најефикасен кај ТФТ беше Гордон со 21 поен, додека Балов запиша 19 поени за Ангели.

Феникс успеа да направи големо изненадување на гости во Кавадарци, откако го совлада Тиквеш со 86-82. Најефикасни во победничкиот тим беа Дајсон и Рахан со по 23 поени, додека Андерсон запиша 19 поени за Тиквеш.