Дерби меѓу Пелистер и Вардар во Битола, Силекс ѝ гостува на Брера во Струмица
Вардар доаѓа во Битола во добра форма, со надеж дека со нов триумф против битолчани ќе се врати на чело на табелата во македонскиот шампионат.
Фудбалерот на „црвено-црните“, Димитар Тодоровски кажа дека е екстра мотивиран пред вечното дерби меѓу македонските екипи во Битола и ќе го даде максимумот на теренот.
„Нормално дека ова е посебен меч ако се гледа историјата, традицијата и сè што двата клуба носат со себе. Секој играч сака да биде дел од вакво дерби, па нормално и јас. Се надевам на одлична атмосфера, на добар дуел, на се што меч со предзнак дерби носи со небе. Пелистер е квалитетен, неговата позиција на табелата не не залажува, напротив. Домаќинот е максимално мотивиран тоа го знаеме ние добро. Како што знаеме добро и за што е способен тимот на Вардар во моментов. Способен е да одигра на највисоко ниво кога е најпотребно, да покаже зошто е на самиот врв на табелата, зошто има амбиции да ја освои титулата… Ваквите дуели го носат оној ‘X’ фактор во себе кој што те носи и те тера да дадеш и 200% од силата. Се надеваме на поддршка секако и од нашите навивачи кои ќе пристигнат во Битола“, вели Тодоровски.
Претходниот дуел меѓу Вардар и Пелистер во Скопје заврши со убедлива победа на скопскиот тим од 4-1. Вардар во моментов е втор на табелата со 27 бодови и без пораз, додека Пелистер се наоѓа на 10. позиција со осум поени.
Дербито меѓу Пелистер и Вардар се игра денеска од 17 часот во Битола.
Силекс по поразот од Вардар се надева дека ќе им се врати на победите во Првата лига, но денеска имаат тешко гостување кај Брера Струмица која на последните пет натпревари запиша дури три победи во домашното првенство.
Брера Струмица нема по добро да ја памети првата пресметка со тимот од Кратово оваа сезона бидејќи на гостински терен доживеа дебакл од 0-5, но сега се надева на одмазда и освојување на важни бодови во Првата лига.
Дефанзивецот на Силекс, Ѓорѓе Џеков, сепак се надева на позитивен резултат во Струмица и вели дека поразот од минатото коло од Вардар е веќе минато.
„Очекуваме да одиграме добар натпревар. Влегуваме во овој дуел со позитивни мисли и ќе се потрудиме да ги освоиме трите бода. Играме добро, динамично, и верувам дека веднаш ќе се вратиме на победничките патеки. Поразот од Вардар е веќе заборавен, сега сме максимално ориентирани само кон мечот со АП Брера. За мене овој натпревар ќе биде посебен, затоа што минав во противничкиот тим прекрасни 10 години, таму пораснав и се надоградував како играч. Сега сум фудбалер на Силекс, и се надевам дека денеска со добра игра ќе се вратиме во Кратово со три бода“, вели Џеков.
Натпреварот меѓу Брера Струмица и Силекс е закажан од 13.30 часот.